Во сите земји-членки на ЕУ граѓаните силно го поддржуваат одговорот на Унијата на руската инвазија на Украина, покажа новото истражување на „Евробарометар“, чии резултати беа објавени денеска.
Повеќето Европејци сметаат дека ЕУ од почетокот на војната покажала солидарност (79 отсто) и дека е обединета (63 отсто) и брза (58 отсто) со реакции.
Испитаниците широко се залагаат за непоколеблива поддршка за Украина и нејзиниот народ, соопшти Европската комисија, која ги објави резултатите од истражувањето.
Исто така, 66 отсто од анкетираните граѓани на ЕУ се согласуваат дека „Украина треба да влезе во ЕУ кога ќе биде подготвена“, 71 отсто веруваат дека Украина е дел од европското семејство, а 89 отсто чувствуваат сочувство за Украинците.
Истражувањето укажува и на голема поддршка за воведување санкции против Русија по нападот на Украина.
Огромното мнозинство граѓани на ЕУ (80 отсто) поддржуваат економски санкции против Русија, а 79 отсто одобруваат санкции против олигарсите бидејќи, како што се наведува, руската политичка елита одговорна за инвазијата треба да ја плати економската и политичката цена.
Две третини од Европејците го одобруваат ЕУ да го финансира купувањето и испораката на воена опрема за Украина, а три четвртини сметаат дека војната во Украина покажа дека е потребна поголема воена соработка во рамките на Унијата.
Резултатите од истражувањето покажуваат и широка поддршка за акцијата на ЕУ во енергетскиот сектор со цел да се намали зависноста од руските фосилни горива.