Проф.Ѓуркова: Владините претставници не ги застапуваат интересите сврзани со македонскиот јазик во преговорите со Бугарија

од Берта Китинска
541 прегледи

Клучна улога во изучувањето на македонскиот јазик игра основното и средното образование. Непоходно е преку наставните програми МОН да вклучи материјали со советодавна содржина која би била застапена со советодавна содржина т.е. со посочување на преводните еквиваленти на англицизмите и на ницните синоними во македонскиот јазик. Неколку примери: администрација за влада, авторитети за власти, директорат за управа, презумпција за претпоставка, монитор за набљудувач, импичмент за отповикување и многу други, вели во разговор за „Локално“,проф. д-р Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Таа појаснува дека и македонското општество е изложено на влијанието на англискиот јазик.

-Со оглед на значењето на англискиот јазик во светски рамки, и македонското општество е изложено на неговото влијание.Важна е и соодветната употреба на јазикот според комуникациската ситуација, што значи дека во случаите кога се работи за јавни или официјални обраќања, во печатените и електронските медиуми, особено во државните медиумски куќи, се препорачува употреба на говорената и пишуваната јазична норма, па во таков контекст препорачано е и употребување на македонски термини соодветни на англицизмите или на заемки од други јазици, смета таа.

Во врска со употребата на македонскиот јазик во медиумите, професорката смета дека е потребно е почитување на препораката за ангажирање лектори по македонски јазик во сите печатени, електронски медиуми и веб-портали, бидејќи како таа што појаснува само на таков начин може да имаме соодветна стручна лектура.

-Сметам дека на медиумите треба да им биде приоритет убавиот македонски јазичен израз, со оглед на тоа дека е македонскиот јазик нивната алатка. Се разбира, ова се однесува и на преводите не странски серии и филмови, како и на целокупната издавачка дејност на македонски јазик (преводна и изворно напишана на македонски јазик), вели Ѓуркова, додавајќи дека е потребно да се доврши работата на измените и дополнувањата на Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998.

-Во тие рамки, да се планира оформување Агенција за спроведување на овој закон која ќе биде одговорна за ангажирањето лектори во сите државни институции, како и во сите аспекти на јавната комуникација (медиуми, издавачка дејност итн.), појаснува Ѓуркова.

Професорката е на мислење дека македонските владини претставници не ги застапуваат автентичните македонски интереси сврзани со македонскиот јазик, историја и идентитет во преговорите со Бугарија.

-Всушност, од бројните настапи и обраќања, ние може да видиме дека определен број од нив не `и се обраќаат на македонската јавност на македонски јазик (истото се случува и при посети во странство), нешто што треба да биде задолжително, со оглед дека македонскиот јазик е официјален на целата територија на Македонија и во нејзините меѓународни односи. Од овие причини и се разбира од наметнатиот спор (исто како во случајот со Грција) под притисоци и уцени за членството во ЕУ, оправдано се` погласни се барањата за прекин на учеството на македонската комисија во т.н. преговори со Бугарија, како и на македонските државни претставници, подвлекува таа.

Ѓуркова вели дека интересот за студирање на македонскиот јазик е во опаѓање во изминатиов период, и тоа се должи најмногу на немањето вработувања во овој сектор.

-За жал, на младите не им се нуди соодветна преспектива, а слична е ситуацијата и во ИМЈ, каде што од 1998 година до денес, по пауза од дваесетина години е примен еден научен соработник; поразителен факт, особено ако се има предвид дека во ИМЈ денес се ангажирани само дваесетина научни работници. Државата и соодветните министерства имаат најголема одговорност за ваквата ситуација. Како врвен приоритет, потребно е под итно, вработување на (барем) петнаесетина македонисти во Институтот, доколку сакаме да оформиме солидна научна генерација што ќе ги наследи и ќе ги продолжи научните истражувања на македонскиот јазик, подвлекува професорката.

Б.М.

Слични содржини