Маричиќ: Очекуваме француското претседателство да даде нов тек на евроинтеграциите на земјите од регионот

од Vladimir Zorba
166 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се обрати на Годишната меѓународна конференција „Стратешки текови 2022“ на тема Европа по претседателските избори во Франција, велејќи дека очекуваме пробив во нашиот процес на пристапување во ЕУ за време на француското претседателство со ЕУ.

– Истовремено, тесно и интензивно работиме со нашиот сосед Бугарија за изнаоѓање заемно прифатливо решение за отворените прашања. Ние го направивме нашиот дел, направивме и повеќе отколку што се очекуваше досега, сега е време ЕУ да го направи својот чекор напред, порача вицепремиерот Маричиќ.

Тој во своето обраќање посочи дека  тековната агресија на Русија над Украина јасно покажа колку е важно да се заврши обединувањето на европскиот континент, да се направи посилен и поотпорен на какви било сегашни или идни закани.

– Ова е ставот што ние како земја го промовираме во последните неколку децении. Ова беше ставот и на актуелната Европска комисија при лансирањето на геополитичките приоритети за овој мандат, истакна Маричиќ изразувајќи жалење што токму кризата испрати порака дека проширувањето и целосното обединување на стариот континент со Западен Балкан се клучни за стабилноста и безбедноста не само на регионот туку и на целата Европа.

Според него, ЕУ  е крајно време да го одржи своето ветување за земјава и да остане кредибилна и да ја потврди својата улога како глобален актер со забрзување на процесот на проширување и признавање на штетата од одржувањето статус кво, посочувајќи дека Франција има голема шанса да го врати во живот процесот на проширување преку обезбедување на одлуката за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, со одржување на првата меѓувладина конференција со двете земји.

Годишната меѓународна конференција „Стратешки текови“ во организација на Форумот за стратешки Студиите (FORST) и Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС), беше посветена на последиците од француските претседателски избори за иднината на Европската Унија и Западен Балкан. На конференцијата учествуваа високи претставници од Германија, Франција, институциите на ЕУ и од Западен Балкан, како и дипломати, аналитичари, академици и истражувачи.

Слични содржини