Куче, кое е тренирано да бара мини, е заслужно за откривање на повеќе од 200 експлозиви од почетокот на војната во Украина. Ова животно беше наградено со Орден за заслуги во земјата.
На Патрон, двегодишниот Џек Расел Териер, наградата му беше врачена од претседателот на Украина, Владимир Зеленски, на церемонија во Киев.
Териерот, чие име на украински значи „муниција“, намирисал руски мини и експлозиви во североисточниот град Чернигов и стана маскота на Државната служба за вонредни ситуации, пренесува Гардијан.
Тој станал национален симбол на отпорот на Украина против Русија и редовно се појавува во видеата на официјалните украински канали на социјалните мрежи.
Наградата Зеленски им ја врачил на Патрон и неговиот сопственик Михаил Илиев на прес-конференција заедно со канадскиот премиер Џастин Трудо, кој во неделата беше во посета на Киев.
– Денеска сакам да ги наградам оние украински херои кои веќе ја чистат нашата земја од мини. И заедно со нашите херои, тука е и едно прекрасно куче, Патрон, кој не само што помага да се неутрализираат експлозиви, туку и ги учи нашите деца на неопходните безбедносни правила во областите каде што има опасност од мини, рече Зеленски по церемонијата.