Претседателот на САД, Џозеф Бајден денеска пред новинарите потпиша закон со кој се овозможува забрзување на испраќањето воена опрема во Украина, повторно активирајќи ги законските одредби кои потекнуваат од Втората светска војна.
„Украинците секојдневно се борат за своите животи. Таа борба е скапа, но попуштањето пред агресијата би било уште поскапо“, рече тој во Белата куќа.
Новиот закон (украинска демократска одбрана за заем-закуп од 2022 година) се заснова на програма од Втората светска војна дизајнирана да и помогне на Европа да се спротивстави на Хитлер и беше поддржан од речиси сите членови на американскиот Конгрес, освен 10 членови на Претставничкиот дом кои гласаа против, соопшти Белата куќа.
Белата куќа додаде дека законот е потпишан во време кога Русија ја слави годишнината од победата над нацистичка Германија во 1945 година.
Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, администрацијата на Бајден му даде воена помош од околу 3,8 милијарди долари на Киев.