Вселенската патријаршија вчера ја призна Македонската православна црква (МПЦ) за канонска. Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на македонската црква, туку претставува објава дека црквата повеќе не е во шизма и раскол со православниот свет. Во соопштението се наведува дека Светиот синод, со кој претседава вселенскиот патријарх Вартоломеј, детално разговарал за црковниот проблем во Скопје и ја разгледал жалбата на МПЦ, како и повторените повици од Северна Македонија.
Според верскиот аналитичар од Србија, Драшко Ѓеновиќ, Вселенската патријаршија се уште официјално не ја признала МПЦ за автокефална, иако вели така се добива впечаток по медиумите. Тој во разговор за „Локално“ појаснува делови од соопштението на Вселенската патријаршија.
-Епископатот, свештенството и народот на Црквата под раководство на архиепископот Стефан се примени во евхаристиската заедница за да ги залечат раните од расколот, со поливање „масло и вино“ врз раните на браќата и сестрите. За таа цел биле издадени соодветни патријаршиски и синодални акти. Како второ, на Светата црква на Србија и е оставено да раководи со управните работи меѓу неа и црквата во Северна Македонија, во рамките на канонскиот поредок и црковната традиција. И како трето, вашата црква е признаена е како „Охридска“ (значи областа на нејзина јурисдикција само во рамките на државата Северна Македонија), а како што писмено вети Цариградската патријаршија, терминот Македонска и другите изведеници од зборот Македонија се исклучени, потенцира Ѓеновиќ.
Аналитичарот објаснува дека тоа не значи признавање на автокефалноста на МПЦ.
-Прашањето за канонскиот поредок на МПЦ беше препуштено на СПЦ, а на некој начин оваа одлука на Цариградската патријаршија е само поттик за продолжување на дијалогот за решавање на правниот статус на МПЦ. Интересно е што МПЦ се нарекува Охридска, а Српската православна црква-црква на Србија. Цариград ги признава активностите на МПЦ само во границите на Северна Македонија, што значи дека во случај на целосно признавање, МПЦ би ги загубила своите епархии надвор од границите на Северна Македонија. Исто така не е призната во терминот на црквата „Македонска“. Значи, јасно е дека не се работи за давање на томос (чин со кој одредена православна црква станува автокефална), туку МПЦ се упатува кон СПЦ за да се реши нејзиниот канонски статус, вели Ѓеновиќ.
Верскиот аналитичар информира дека МПЦ-Охридска архиепископија, на овогодинешната седница на Парламентот во Белград во мај ќе се врати на канонско единство со СПЦ, а со тоа и на канонското единство со сите помесни православни цркви.
-На овој начин ќе се исцели расколот од 1967 година. Претпоставувам дека Охридската архиепископија ќе има највисок степен на самостојност, т.е. независност во рамките на СПЦ, што потоа би го отворило патот за еден ден (што можеби е договорено меѓу затворени врати). Сите епископи и свештеници на МПЦ имаат апостолско наследство, така што нема канонски причини да не бидат примени во ниту една канонска православна црква со сите титули што ги имаат, смета Ѓеновиќ.
Според него, на тој начин треба да се читаат и разбираат изјавите во Вселенската и Московската патријаршија.
-Другата работа е како тоа го објавија медиумите, па самите и дадоа автокефалност на МПЦ, иако Цариградската патријаршија тоа не го спомна. Враќајќи се под Српската православна црква, православните верници во Северна Македонија стануваат дел од независната автокефална (српска) црква, но и независна преку Охридската архиепископија, која ќе има највисок степен на автономија и независност во рамките на една автокефална црква.
Што се однесува до Бугарската православна црква, таа има свои проблеми и поделби и ќе мора да ги реши. Лично мислам дека статусот на МПЦ не и е толку важен како што можеби мислат луѓето во Северна Македонија, затоа што мора да бидеме свесни дека и Македонците и Србите се мали народи и дека не сме центарот на светот, иако понекогаш така мислиме, оценува Ѓеновиќ.
Премиерот Димитар Ковачевски после одлуката на Цариградската патријаршија изјави дека МПЦ-ОА и православните верници може да бидат горди и среќни и сите камбани да означат дека спорот кој со децении тежнееше врз православните верници веќе не постои.
-Честа припадна на една социјалдемократска валда, што е потврда дека сме посветени и на општествените процеси, но и на верниците во нашата држава. Денеска со одлуката на Вселенската патријаршија ние влегуваме во православното семејство на сите помесни цркви. Иако со овој чин конечниот статус и име сѐ уште не се решени, најважниот и најголем чекор е завршен. Сега нашата православна црква е во заедница со сите православни цркви, и овој ден е историски ден после 7 децении тотална изолација. И оваа одлука на вселенската патријаршија што нè признава под име Охридска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска Архиепископија, рече Ковачевски.
Н.П.