Едно лице загина, а три се ранети во гранатирање од Украина во југозападна Русија, соопшти денеска руски гувернер на погодениот регион.
„Во овој момент едно лице го загуби животот, почина во амбулантно возило, а има тројца повредени“, изјави на Телеграм, гувернерот на регионот Белгород, Вјачеслав Гладков.
Инаку, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска објави дека моментално не е можен мировен договор или прекин на огнот во Украина, пренесува АП.
По состанокот со австрискиот претседател Александар Ван дер Белен во Виена, Гутереш рече дека е јасно дека „во моментов нема непосредна шанса за мировен договор или локален прекин на огнот“ и дека ОН ги фокусирале сите дипломатски напори на подобрување на условите за живот на цивилите. . Тој додаде дека ОН во соработка со Меѓународниот комитет на Црвениот крст помагаат да се евакуираат Украинците од воените зони.
Гутереш, исто така, рече дека ОН сè уште можат „да направат многу на полето на дипломатијата за да спасат животи и да ја подобрат хуманитарната ситуација во конфликтот“.