Сите водоснабдителни системи за наводнување на земјоделските површини се активни и во функција, информира денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по денешниот протест на лозарите од Тиквешко.
„Вода е пуштена во системот Пепелиште, вода има и во село Курија, односно целиосниот систем и каналите за Неготино и Квадарци се во фунцкија и имаат вода. Единствено проблем во водоснабдувањето поради дефект на кој активно се работи и во наредните два дена се очекува истиот да биде решен е во Росоман“,потенцираат од МЗШВ.
Во врска со исплатата на минатогодишните штети, од Министерството посочуваат дека е донесена одлука за исплата на штети за општините Росоман, Карбинци, Богданци, Демир Капија и Ранковце и дека парите веќе се пуштени на сметка на општините, а од таму треба да биде извршена исплатата на земјоделците.
„Би сакале да истакнеме дека неисплатениот дел на субвенции кон неколку земјоделски стопанства се јавува поради утврдени разлики во контролата на терен. Исто така за исплатата на 20% за регистриран земјоделец сакаме да информираме дека лани Министерството изврши исплата за 2018 и 2019 година, додека исплата би следела и за 2020 и 2021 година. Лозарите можат да бидат спокојни дека ќе имаат зелена нафта, како и секоја година така и оваа година, најкасно пред бербата ќе ги добијат картичките за зелена нафта“,соопштуваат од МЗШВ.
Оттаму потсетуваат дека пред неколку недели министерот Љупчо Николовски заедно со претставници од Министерствотото и градоначалниците и пратениците од Тиквешкиот регион имале конструктивна средба со земјоделските здруженија на лозарите и винариите.
„Како резултат на оваа средба Министерството веќе сериозно работи и презема мерки за решавање на барањата кои на средбата ги имаа здруженијата, преку мерки во интервентниот фонд за поддршка на лозарите и винариите. На крајот ќе остане неодговорено прашањето дали овие денешни протести се организирани од “вистински лозари“, или протести организирани од страна на партиските другари на Цветан Трипуновски. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, секогаш е на страната на вистинските земјоделци, носејќи мерки и политики со кои даваме поддршка на секој земјоделец“,посочуваат од Министерството.