Голем народен протест најави ВМРО-ДПМНЕ, блокадата на Собранието продолжува

од Берта Китинска
238 прегледи

Градоначалникот на општина Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски соопшти дека партијата преку Извршниот комитет заеднички одлучила да организира голем народен протест, кој ќе се одржи на 18-ти јуни.

-Одлучено е и да продолжи активната блокада во Собранието, но ја оставаме отворена вратата за дополнителни чекори во периодот што ќе следи. Подаваме рака и испраќаме порака за обединување до сите, напатениот народ на Македонија. Молкот не е опција. Протест за промени. Власта не сака дијалог со опозицијата и поради тоа сме приморани. Протестот е изнуден и повеќе од неопходен и затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат. Време е да се обедниме, кажа Муцунски пред новинарите после состанокот на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, потребно е народот да го покаже ставот кон Владата, што би било дополнителен импулс за предвремени парламентарни избори.

-Една од тезите дека изборите трошат многу време. Ние понудивме отфрлање на техничката влада како услов за парламентарни избори. Согласно роковите, ние можеме да организираме избори за помалку од два месеци. Не сметам дека оставањето на актуелната влада е подобра состојба од тоа да имаме предвремени избори, додаде Муцунски.
Блокадите од ВМРО-ДПМНЕ нема да успеат.

Блокадата на Собранието не е новина, ние веќе 2 години се соочуваме со блокада од страна на ВМРО-ДПМНЕ, истакна пратеничката на СДСМ Даниела Марковска во емисија „Клан дебата“ на ТВ Клан.

Таа наведе дека две години во Собранието од страна на опозицијата е блокиран Законот за клинички центар, Законот за наставници и стручни соработници, кој да беше донесен ќе обезбедеше зголемување на платите на наставниците и стручните лица, подобрување на условите во образованието, трансформација на работните места од определено на неопрелено време.

Лицемерно ВМРО-ДПМНЕ закажа седница на собраниската комисија за финансии и буџет и се изгласа законското решение за заем од меѓународната заедница за обнова на локалните патишта, кој потоа го блокираа, истакна Марковска.

Таа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ веќе две години деструктивно се однесуваат, што, за жал е многу лошо, бидејќи ова се тешки години на пандемија, која сериозно ја загрози економската стабилност на целиот свет, на Европа и кај нас, сега во Европа има сериозна војна, која се одразува на еконмската стабилност.

Се наоѓаме во сериозна ситуација во која треба заеднички конструктивно да дејствуваме. Ние ќе продолжиме да работиме во Собранието, како што го изгласавме дневниот ред на последната седница, ќе продолжиме да се бориме со сите блокади што ќе ги постават, зашто во моментот е најважно да се овозможи еден подобар живот за нашите граѓаните, да работиме во нивен интерес, а за тоа е потребно едно функционално собрание, кое мора да продолжи со работа, порача пратеничката на СДСМ Даниела Марковска за ТВ Клан.

Слични содржини