Адвокатите на Деп започнаа со испрашување на Херд на суд: „Ги изменивте овие фотографии“

од Stefanija Kuzmanovska
360 прегледи

Правниот тим на холивудскиот актер Џони Деп ја обвини неговата поранешна сопруга Амбер Херд дека конзумирала наркотици, го тепала и манипулирала со фотографии, кои потоа ги користела како доказ за наводите за злоупотреба.

38-годишната актерка беше вкрстено испрашувана на суд во врска со нејзините обвинувања дека Деп бил насилен под дејство на алкохол и дрога.

Деп ја тужи поранешната сопруга и бара отштета од 50 милиони долари за колумна во весник во која таа тврдеше дека е жртва на семејно насилство.

58-годишниот актер изјави дека никогаш не ја нападнал.

Херд поднела противтужба против нејзиниот поранешен сопруг и бара отштета од 100 милиони долари.

Неговите адвокати вкрстено ја испрашувале Херд за тоа како ја гледала кавгата од 2015 година, кога парот бил во Австралија.

Таа кавга се споменуваше неколку пати во текот на судењето.

Деп тврдел дека неговата поранешна сопруга му го повредила прстот кога му фрлила шише вотка.

Херд им кажа на поротниците дека Деп го користел шишето за сексуално да ја злоставува.

За време на сослушувањето во вторникот, адвокатот на Деп ја праша Херд зошто не побарала лекарска помош иако таа тврдеше дека се здобила со исеченици и модринки за време на расправијата.

„Всушност вие нападнавте некого со тоа шише во Австралија, нели, госпоѓице Херд?“, прашала адвокатката Камила Васкез.

„Никогаш не сум го нападнала Џони“, одговори Херд.

И покрај тврдењата на актерката, таа призна дека во неколку наврати го удрила Деп, а тоа се случило бидејќи „со години не се бранела“.

Таа кажа слични работи на сослушувањето во понеделникот, велејќи дека нејзините удари биле реакција на физичкото насилство.

На поротниците им беше покажан и извадок од дневникот, за кој Херд рече дека содржи „љубовни пораки“, во кои изгледа дека таа му се извинува на Деп.

„Жал ми е што некогаш полудувам. Жал ми е што те повредив“, напишала таа.

„Можам да бидам злобна кога сум повредена“.

Објаснувајќи ги овие пораки, Херд рече дека „важно е да се извините кога се обидувате да ги оставите конфликтите зад себе“.

Поротниците имаа можност да слушнат и аудио снимка на која Херд му кажува на тогашниот сопруг дека „кога ќе се налути, може да полуди“ и дека не може да вети дека „нема да има физички конфликт“.

Адвокатот Васкез ја испрашуваше актерката и за веродостојноста на фотографијата од мај 2016 година, на која, како што тврдеше Херд, се прикажани последиците од наводното физичко насилство на Деп врз неа.

„Дали е вистина дека навистина ги изменивте овие фотографии?“, праша адвокатот.

Херд одговори: „Не, никогаш не ја изменив фотографијата“.

За време на вкрстеното испрашување, на поротниците им бил покажан свадбениот план на парот, кој вклучувал „забава, дрога и музика“.

Херд во неколку наврати го опиша Деп како човек кој има проблем со дрога и изјави дека тоа била причината за тензијата во бракот.

„Значи, вашиот првичен план беше да се дрогирате на островот по пробната вечера пред свадбата со монструмот кој ужива во наркотици и за кој треба да се омажите?“, праша Васкез.

Херд рече дека презентираниот план е само работна верзија и дека сакале „на свадбата да има само трева (марихуана).

Актерката признала и дека конзумирала дрога на нејзиниот 30-ти роденден.

На почетокот на овој месец, Херд неколку пати пред судот изјави дека Деп се обидел да ја преземе контролата врз нејзината кариера.

Таа исто така тврдеше дека Деп не сака да добива нови улоги и дека понекогаш е љубоморен на актерите со кои таа снима.

Адвокатот Васкез ја обвини Херд дека „таа всушност е љубоморна“ и дека Деп ѝ помогнал да добие улога во филмот „Аквамен“ од 2018 година.

„Не, госпоѓо Васкез, ја добив улогата на аудицијата“, одговори Херд.

Деп ја тужи својата поранешна сопруга поради напис во Вашингтон пост во кој таа напишала дека била жртва на семејно насилство, иако не го именувала Деп како сторител.

Слични содржини