Уште 9 милијарди евра од ЕУ за Украина

од Nikola Popovski
306 прегледи

Денеска Европската комисија и предложи на Украина дополнителни девет милијарди евра заеми од ЕУ за да ја одржи земјата во функција и да воспостави механизам за грантови и заеми „Обнова на Украина“, кој ќе биде модел на Фондот за закрепнување на ЕУ.

Парите ќе ги позајми Комисијата на пазарот, со гаранции од владите на земјите-членки на ЕУ, во рамките на програмата за макрофинансиска помош за одржување на буџетот на Украина до крајот на јуни.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) процени дека на Украина и се потребни околу 4,8 милијарди евра месечно за основни операции.

ЕУ веќе и обезбеди на Украина 4,1 милијарди евра од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, вклучувајќи и воена помош, пишува „Гардијан“.

ЕУ ќе продолжи да обезбедува „краткорочна финансиска поддршка за Украина за да ги задоволи нејзините потреби и основни услуги“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Подготвени сме да го преземеме водството во меѓународните напори за реконструкција за да помогнеме во обновувањето на демократска и просперитетна Украина. Тоа значи дека инвестициите ќе одат рака под рака со реформите кои ќе ја поддржат Украина на нејзиниот европски пат“, рече Лајен.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се заблагодари за пакетот поддршка, кој „ќе и помогне на Украина да победи во војната, да ги надмине последиците од агресијата на руските сили и да го забрза движењето кон членство во ЕУ“.

Слични содржини