Премиерот на Унгарија Виктор Орбан денеска во Нови Сад изјави дека Европа ќе има тешка зима, како што рече, „потешка отколку што многумина мислат“.
„Ќе имаме тешка зима, војната во Украина не става во тешка ситуација. На Србија и е тешко затоа што не е членка на ЕУ, а нам ни е тешко затоа што сме членка на ЕУ“, рече Орбан на отворањето на Меѓународниот земјоделски саем во Нови Сад.
Тој оцени дека Унгарија и Србија се „безбедни, без разлика дали станува збор за природен гас или за земјоделство“, наведувајќи дека особено важна е одлуката да се обезбеди железничка транспортна линија од грчките пристаништа преку Србија и Унгарија до Европа.
„Сите сме заинтересирани за истото прашање: дали ќе има гориво, ако е така – по која цена, ќе можеме ли да ги обезбедиме потребите на нашите граѓани“, рече Орбан.
Тој додаде дека хероите во пандемијата на коронавирус биле лекарите и дека во актуелната економска криза земјоделците ќе бидат херои, бидејќи од нив ќе зависи дали ќе има леб на трпезата, дали ќе има глад.
„Ако не успееме да обезбедиме леб за сите, тогаш огромни маси ќе тргнат кон Европа, и тоа ќе бидат луѓе кои ќе сакаат да преживеат. Оваа миграција нема да има почит ниту кон Србија, ниту кон Унгарија, туку ќе нѐ прегази. Ако сакаме да ја избегнеме, мора да обезбедиме храна за овие луѓе“, рече унгарскиот премиер.
Тој ги критикуваше санкциите што ЕУ и ги воведува на Русија и оцени дека тие се „еднакви на атомска бомба“, бидејќи, според него, можат да доведат до глад и појава на маса мигранти на границите.
„Ние прво мора да размислуваме за тоа како да го нахраниме нашиот народ и сите луѓе во светот“, рече Орбан.