Менаџерот на Арсенал, Микел Артета беше разочаран од фактот што неговиот тим не успеа да најде место во топ 4 на крајот од сезоната.
„Топџиите“ го добија последниот натпревар против Евертон со 5-1, но тоа на никаков начин не им помогна да напредуваат од 5-то место.
Шпанецот призна дека болката е голема и ќе поминат неколку дена пред да може да направи вистинска проценка за сезоната.
„Го направивме она што требаше да го направиме, но работите не беа во наши раце. Знаевме дека ни треба чудо, но тоа не се случи. Не можам да дадам оценка за сезоната денес, извинете. Преголема е болката од она што се случи во понеделникот (пораз од Њукасл). Не можам да го проценам тоа што се случи. Се што можам да кажам е дека го исцедивме лимонот до последната капка, но завршивме таму каде што завршивме. Треба време, прашината да се спушти. Ми требаат неколку дена одмор, да одам некаде, бидејќи во моментов не можам да дадам вистинска проценка за тоа што се случи. Благодарам на сите кои го поддржуваат клубот, што ни дадоа доверба, почит и мотив да одиме напред затоа што мислам дека веруваа во она што го правиме. Но, кога ги имате работите во ваши раце – јас сум победник и мразам да губам, а изгубивме нешто што можевме да го добиеме. Затоа болката е толку голема“, рече Артета по вчерашниот меч со Евертон.