Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, им се обрати на светските лидери на Светскиот економски форум во Давос, велејќи дека атентатот во Сараево е потврда дека милиони жртви можат да бидат убиени само со неколку истрели.
Претседателот на Украина ги споменал историските настани кои драматично го променија светот, атентатот на Франц Фердинанд од страна на Гаврило Принцип во Сараево во 1914 година и Минхенскиот договор во 1938 година, кој му претходеше на избувнувањето на двете светски војни.
„Се сеќаваме, на пример, како само неколку истрели можат да доведат до милиони жртви, како што е пукањето во Сараево на 28 јуни 1914 година. Историјата памети колку тага може да направи еден човек ако види дека не му се дава доволно отпор. Така беше, на пример, во 1938 година во Минхен“, рекол Зеленски.
Зеленски потоа повика на дополнителни санкции против Русија.
„Сега е време да се даде одговор. Сите руски банки мора да бидат санкционирани без исклучок, отсечени од секаков пристап до технологија и сите комерцијални врски“, појаснил украинскиот претседател.
Тој додал дека мора да се изврши максимален притисок за секој агресор да ги знае последиците од своите постапки и повика целиот руски имот во странство да биде запленет и сместен во посебен фонд за погодените од војната.
„Ако агресорите изгубат сè, ќе имаат помала мотивација да започнат војни“, оценил Зеленски.
Гаврило Принцип на 28. јуни 1914 година во Сараево го застрела австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд, кога тој со отворен автомобил се возеше низ градот. Атентатот доведе до меѓународна криза, која пет недели подоцна заврши со почеток на Првата светска војна, во која загинаа милиони луѓе.