Унгарската влада денеска прогласи вонредна состојба поради војната во Украина, која ќе стапи на сила на полноќ, најави премиерот Виктор Орбан.
Во видеото што го објави на Фејсбук неколку часа откако парламентот го усвои амандманот на Уставот во кој се наведуваат конфликт, војна или хуманитарна катастрофа во соседна земја како причини за мерката, Орбан рече дека војната во Украина претставува закана за Унгарија, физичката безбедност на нејзините граѓани, енергетските залихи и финансиската сигурност на семејствата и стопанството, пренесува „МТИ“.
Тој нагласи дека Владата која денеска положи заклетва веднаш почна со работа и посочи дека се уште никој не го гледа крајот на војната во Украина.
„Светот е на работ на економска криза. Унгарија мора да се држи настрана од оваа војна и да ја заштити финансиската сигурност на семејствата“, посочува Орбан.
Тој додаде дека за да се направи тоа, Владата мора да биде способна да носи одлуки и брзо да реагира.
„Вонредната состојба, слична на онаа воведена за време на пандемијата, ќе и овозможи на владата брзо да реагира и да ги искористи сите достапни методи за заштита на Унгарија и Унгарците“, рече Орбан.
Унгарскиот парламент претходно денеска го усвои 10-тиот амандман на Уставот, со кој се дозволува владата да прогласи вонредна состојба во случај на вооружен конфликт, војна или хуманитарна катастрофа во соседна земја.
За амандманот гласаа 136 пратеници, а против 36.
Според образложението на предлог-законот, посебен правен поредок може да се воведе само доколку развојот на настаните во соседната земја сериозно ја погоди Унгарија во хуманитарна или економска смисла или ако постои реална можност тоа да се случи.