Бразилската ѕвезда Нејмар уште еднаш изјави дека има намера да остане во Пари Сен Жермен, иако францускиот печат силно тврди дека Парижаните сакаат да се разделат со играчот.
Утринава медиумите во Европа тврдеа дека тој бил понуден на некои од најбогатите тимови во Европа, како Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Реал Мадрид, но тие не покажале интерес за играчот.
Бразилскиот напаѓач беше купен за рекордни 222 милиони евра од Барселона во 2017 година, но никогаш не успеа да ги убеди газдите дека ги заслужил огромните средства кои беа вложени во него.
„Засега ништо не стигна до моите уши, па мислам дека ќе останам во тимот“, изјави 30-годишниот Нејмар во интервју за Oh My Goal.
Бразилецот моментално се наоѓа во Доха, каде еден од неговите спонзори организираше фудбалски турнир со пет играчи, кој го носи неговото име.
Минатата сезона Нејмар одигра 22 натпревари за ПСЖ, на кои постигна 13 гола и даде 6 асистенции.
Неговата статистика е многу далеку од онаа на Килијан Мбапе, кому не му пречи тимот да се раздели со бразилската ѕвезда.