Џастин Тимберлејк го продаде целиот свој музички каталог на компанија поддржана од Blackstone, приклучувајќи се на низата познати личности кои неодамна ги продадоа своите музички права за големи суми.
Лондонската компанија „Hipgnosis Song Management“ објави дека ги стекнала правата за сите 200 песни напишани или ко-напишани од Тимберлејк.
Меѓу нив се хитови број еден на топ листите, како SexyBack, Can’t Stop the Feeling и Mirrors.
Висината на зделката не е објавена, но според извори, таа надминува 100 милиони долари, пишува The Wall Street Journal.
Музичката колекција на Тимберлејк опфаќа период од над 20 години. Пејачот стана познат во 1995 година како член на групата NSYNC. По меѓународниот успех на групата, тој започна соло кариера, која вклучува пет студиски албуми и 40 синглови, пишува CNN Business.
Потребна е повеќе од една година за да се заврши продажбата, според Мерк Меркјуријадис, извршен директор на Hipgnosis, и е дел од растечкиот тренд на мегаѕвездите да ги продаваат своите музички права, вклучувајќи ги Боб Дилан, Брус Спрингстин, Нил Јанг и Стиви Никс. Тимберлејк (41) е помлад од другите музички икони кои склучувале зделки.
Сепак, тој не е единствениот од помладата генерација кој се договорил со Hipgnosis. Дуото The Chainsmokers го продаде својот каталог на компанијата во 2019 година, а Шакира потпиша договор со Hipgnosis во јануари.
Други изведувачи кои имаат договор со Hipgnosis се Red Hot Chili Peppers, Journey, Blondie и Neil Young.
Договорот на Тимберлејк ги опфаќа само неговите авторски права и ги вклучува само песните што тој ги напишал. Тој е автор или коавтор на многу од песните кои му донесоа успех како соло изведувач и има напишано песни за други изведувачи како Ријана и Мадона, но тоа не е случај за поголемиот дел од музичкиот каталог на NSYNC.
Тоа значи дека хитовите како Bye Bye Bye не се вклучени во договорот со Hipgnosis.