Судија на претходна постапка го прифати барањето на Обвинителството и им одреди притвор на шест од седуммината обвинети за случајот парцели за ЕВН, меѓу кои и за двајца поранешни управители во компанијата.
– Пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје беа спроведени седум лица. По произнесување на јавниот обвинител и осомничените лица во присуство на нивните бранители, судија на претходна постапка, ценејќи ги фактите приложени во предлогот, донесе решенија со кои делумно го прифати предлогот и на: И.Г., М.М., Д.Т., О.Т. и В.И. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на Д.Ќ, му определи мерка куќен притвор, заради постоење на основите од член 165 ст.1, т.2. од ЗКП односно постоење на околните кои укажуваат на опасност дека ќе ја попречат истрагата со влијание на сведоци, вешти лица, соучесници или прикривачи, соопшти вечерва Основниот кривичен суд Скопје.
Воедно, судијата го прифатил предлогот на Обвинителството и донел решение со кое на обвинетата М.И. и определи мерки за претпазливост.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.