Лајчак: Западен Балкан не е сам, ЕУ има план да им помогне на земјите од регионот

од Stefanija Kuzmanovska
300 прегледи

Европската унија ја поддржува секоја иницијатива што е инклузивна, која никого не исклучува и се заснова на европски стандарди, изјави специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, во Будва на прашањето за иницијативата „Отворен Балкан“.

„Треба да се забрза процесот на формирање заеднички регионален пазар. Секако, сакаме да функционираат и постоечките иницијативи“, рече Лајчак на прес-конференцијата во пресрет на Самитот за демократија во Југоисточна Европа.

Лајчак посочи дека војната во Украина го вратила процесот на проширување на политичката агенда, додавајќи дека тоа е можност за земјите од Западен Балкан, но дека на нив е да ја искористат, пренесе РТЦГ.

Според него, војната во Украина промени се и донесе последици со кои секој мора да се соочи.

„Западен Балкан не е сам. ЕУ е со вас и ви помага да ги надминете последиците од војната, без разлика дали се работи за економија или социјално влијание. Имаме план како да им помогнеме на земјите од Западен Балкан“, рече Лајчак.

Тој рече дека војната во Украина, иако трагична, го вратила процесот на проширување на политичката агенда.

„Проширувањето се заснова на заеднички вредности и важно е земјите од регионот да ги покажат тие заеднички вредности. Регионот не може да чека, тоа ни е јасно“, рече Лајчак.

Единствениот одговор, додаде тој, е да се забрза процесот на интеграција.

„Оваа трагедија е можност и за регионот, но зависи и од државите дали ќе ја искористи таа можност“, рече Лајчак.

Специјалниот пратеник на Велика Британија за Западен Балкан, Стјуарт Пич, изјави дека работите се смениле по рускиот напад на Украина.

„Обединетото Кралство стои до вас. Мораме да бидеме похрабри, да ги живееме вредностите, да не зборуваме за нив. Никој не може да биде мирен додека Русите ја окупираат Украина“, рече Пич.

Тој рече дека украинската војна потсетува на важноста на колективната безбедност, како и владеењето на правото.

„Знаеме дека Русите сакаат да создадат проблеми во регионот. Обединетото Кралство е со вас на вашето патување“, рече Пич.

На Самитот учествуваат претседателката на Косово, Вјоса Османи, вицепремиерот на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, како и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.