ЕУ: Санкции на танкери за нафта за 6 месеци, на преработени производи за 8

од Vladimir Zorba
176 прегледи

Санкциите на Европската унија против Русија за увоз на сурова нафта што се транспортира со танкери ќе бидат воведени во следните шест месеци, а оние кои се однесуваат на преработени производи ќе бидат воведени за осум месеци, изјави денеска портпаролот на Европската комисија.

Рокот ќе започне кога формално ќе бидат усвоени санкциите, а амбасадорите на земјите од ЕУ утврдија дека тоа ќе биде оваа недела, откако лидерите на ЕУ во понеделникот го договорија шестиот пакет санкции, пренесе Ројтерс.

Тајмингот ќе ги следи роковите првично поставени од Европската комисија кога го предложи ембаргото за нафта претходно овој месец.

Лидерите на ЕУ 27 на самитот во Брисел ја повторија својата осуда на руската агресија врз Украина и повикаа на итен прекин на нападите врз цивилите и цивилната инфраструктура и на повлекување на нивните војници од целата територија на Украина.

Во заклучоците на ЕУ, лидерите ја поздравија храброста и одлучноста на украинскиот народ и лидерството во одбраната на земјата, ја истакнаа нивната посветеност за засилување на притисокот врз Русија и Белорусија и ги повикаа сите земји да се придржуваат до санкциите на ЕУ.

„Секој обид да се заобиколат санкциите или да и се помогне на Русија на кој било друг начин мора да биде запрен“, се вели во соопштението на Европскиот совет.

Лидерите на ЕУ рекоа дека внимателно го следат влијанието на војната во Украина врз соседните земји и на Западен Балкан и најавија продолжување на сите видови помош за Украина, од хуманитарна до воена, вклучително и подготвеност да се одобри нов пакет за итни макро- финансиска помош до 9 милијарди евра во 2022 година.

Беше поздравена и одлуката за суспендирање на увозните давачки на целиот украински извоз во ЕУ на една година, а најавено е дека на самитот во јуни ќе се разговара за кандидатурите на Украина, Грузија и Молдавија за членство во ЕУ.