„Не треба да ја оставаме Владата сама да ги демантира дезинформаторите па така кога некој ќе каже дека со договорот од Преспа јазикот ни станал северномакедонски. Апелирам до сите чинители во општеството, сите вие кои сте присутни и претставуваме медиумски организации и медиуми да бидеме гласни кога некој се обидува да ни злоупотребува национaлни чувства во итнерес на цели кои што не се демократски“ рече координаторот за Отворен Балкан и регионални иницијативи во Владата, Маријан Забрчанец на конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“ во организација на Фондацијата Метаморфозис.
Тој додаде дека „дезинформациите често имаат цел да поттикнат конфликт, поделби и се потпираат на национални чувства“ и во суштина имаат цел да го делат населението и да предизвикуваат конфликти.
„Исто така по однос на популарнава определба сега, за кого сте за Русија или за Украина има една тенденција, манипулација на ширење на дезинформации дека Северна Македонија морала да биде неутрална бидејќи важни партнери на земјава биле неутрални. Турција била неутрална, Србија била неутрална. На тоа поле сакам да нотирам неколку факти, Турција не може да биде неутрална бидејќи е членка на НАТО, Турција со целиот свој систем учествува во одбраната на Украина како членка на НАТО. Без разлика на сите јавни позиции на одредени политичари во одредени моменти“, рече Забрчанец.