Покажавме консензуалност, и политичка култура со денешното едногласно изгласување на измените за Законот за земјоделство и рурален развој во Собранието. 20.000 семејства производители на тутун да не се грижат за своите заслужени субвенции, парите се тука резервирани, и во текот на оваа недела над 20 милиони евра ќе им бидат исплатени на земјоделците, изјави вечерва министерот за земјоделство и шумарство Љупчо Николовски.
Тој упати благодарност до претседателот на државата и на Собранието, до пратениците и до сите чинители.
-Се надевам дека ќе продолжи оваа позитива и едногласно без одолговлекување ќе се донесат сите преостанати закони кои значат директна поддршка за секој земјоделец во услови на криза, рече Николовски.
Николовски е дециден дека воопшто не станува збор за кратење на субвенциите и тврди дека обемот на субвенционирање останува ист.
-Пари за субвенции има и има пари за тутунарите. Првпат се воведува авансна исплата односно 30 проценти да ги добиваат земјоделците субвенции во текот на годината односно да имаат средства и пари пред почетокот на самата сезона, информира Николовски во Дневникот на ТВ Сител.