Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека Украина ѝ дала гаранции на неговата земја дека нема да ги користи вооружените системи што ги обезбедуваат САД против цели на руска територија.
„Постои силна врска на доверба меѓу Украина и САД, како и со нашите сојузници и партнери“, рече Блинкен на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Администрацијата на Бајден најави дека ќе испрати во Украина високомобилни ракетни системи од американско производство, познати како „HIMARS“, со муниција чиј дострел е нешто помал од она што го побара Украина.
Блинкен, исто така, го коментираше руското толкување дека испраќањето нови системи во Украина од страна на Соединетите држави претставува ескалација и рече дека претседателот Бајден јасно му кажал на рускиот претседател Владимир Путин какви ќе бидат последиците од руската инвазија и дека тие ќе вклучуваат испраќање безбедносна помош за Украина.
„Не го криевме тоа. Ние бевме исклучително јасни за ова уште од првиот ден кога претседателот Бајден му го пренесе тоа директно на претседателот Путин. Така, го направивме токму она што рековме дека ќе го направиме“, рекол Блинкен.