Заменик-народниот правобранител Јован Андоновски е во посета на Украина. Како што соопштија од оваа институција, Андонвски се сретнал со својата украинска колешка Ирина Сивитска со која разговарал за клучните прашања на Украинците кои се наоѓаат во Северна Македонија.
„Беа дискутирани три клучни прашања: Пристапот до здравствена заштита на Украинците кои се наоѓаат во нашата држава, пристапот до образование на украинските деца, како и пристапот до работни места за привремено раселените Украинци. Се отворија и уште неколку прашања поврзани со престојот на украинските државјани во РС Македонија. Правобранителката Сивитска изрази благодарност и информираше за зголемениот обем на работа поврзан со прекршување на човекови права во областите во кои сѐ уште има воени активности“, се вели во соопштението.
Двајцата правобранители се договориле да продолжи комуникацијата и да се следат состојбите поврзани со масовното кршење на човекови права. Правобранителката Сивитска, се додава во соопштението, потенцирала дека масовните убиства во Буча и другите градови Украина ги толкува како геноцид, како и дека Украина останува на барањето и останатите европски држави да ги класифицираат тие злосторства како геноцид.
По средбата во правобранителството, Андоновски се сретнал и со тројцата главни обвинители кои ги водат случаите против руските војници.
„Валериа Мелник, Емир Абдулаев и Оксана Димитриева го избрифираа правобранителот Андоновски за првите две пресуди против руските војници кои добија 11 и пол години затвор за воени злосторства. Обвинителите брифираа дека постојат индиции за над 14 000 воени злосторства, а во моментов оформени случаи обвинителството има за 79 лица. Според нивните бројки, над 100 000 лица се присилно раселени само од градот Мариопул“, се вели во соопштението.
Една од главните теми била и состојбата со децата. Од почетокот на војната има 689 повредени деца, а 243 загинати од кои 20 % се под 7-годишна возраст, а 137 деца се водат за исчезнати. Обвинителите се осврнале и на депортацијата на деца. Според нив, бројката надминала 1 000 присилно депортирани малолетници. Во моментов, обвинителството има оформено 5 случаи за силување деца. Голема загриженост обвинителите изразија и за децата од Крим кои, според нив, веќе осум години се милитаризираат и обучуваат да се борат против сопствениот народ.
„Правобранителот Андоновски нагласи дека можат да побараат и меѓународна правна помош и праша дали ќе бараат оформување меѓународен трибунал за воени злосторства. Понуди и македонска правна експертиза во обелоденувањето на воените криминални дела. Обвинителите изразија благодарност и рекоа дека секоја помош е добредојдена, но до овој момент нивното обвинителство е единствено кое отвора вакви случаи“,се додава во информацијата.