Тренерот на Рафаел Надал, Карлос Моја изјави дека шпанскиот тенисер не треба да размислува негативно и се надева дека ќе може да учествува на следниот Гренд слем турнир – „Вимблдон“. Надал утре на Отвореното првенство на Франција во Париз ја очекува полуфиналната пресметка со Германецот Александар Зверев, откако во четвртфиналето го елиминира Новак Ѓоковиќ.
„Победата над Новак Ѓоковиќ не е крај. Мора да го почитувате секој противник. Зверев е број 3 на светската ранг листа. Рафа да не размислува негативно, се уште нема да го напушти тенисот. Се надевам дека ќе оди на „Вимблдон“. По напорот што го направи на мечот со Ѓоковиќ, се разбуди со мала болка, но генерално се беше во ред“, изјави Моја за шпанскиот весник „Марка“.
Сепак, изданието го доведува во прашање учеството на Рафаел Надал на Отвореното првенство на Британија, бидејќи Шпанецот нема прецизни планови за турнирите по „Ролан Гарос“.
Еден од проблемите на Надал е болката во левата нога. Тенисерот страда од т.н „Мулер-Вајс синдром“, кој е форма на остеохондропатија и влијае на една од потпорните коски на надворешната страна на стапалото. Поради болки, на Шпанецот му се прават процедури пред секој негов натпревар.
„Во Рим веќе кажав дека мојот лекар ми помага да бидам во подобра форма. Ќе зборуваме за моите планови по турнирот. Давам се од себе за да бидам во најдобра можна состојба“, изјави Надал.
„Не знам што ќе се случи по Ролан Гарос. Не морам ништо да кријам на мои години. Ако не најдеме решение за мојата нога, ќе биде доста тешко. Засега не најдовме, но полуфиналето ми дава многу енергија и ќе видиме како ќе се развиваат работите“, додаде Рафаел Надал.