Во гасењето на пожарот што се случи во поранешниот тутунски комбинат во Тетово, сегашна фабрика за производство на минерални материи биле ангажирани вкупно 216 лица, два хеликоптери, еден армиски и еден полициски, 22 цистерни, 21 машина, како и осум виљушкари, информираше на денешната прес-конференција Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Тој информира дека како последица на вдишувањето на чадот вчера 22 пожарникари од тетовската противпожарна бригада побарале лекарска помош, но денеска веќе се добро.
– Во гаснењето на пожарот во Тетово сите заедно спречивме голема катастрофа. Можеби опремата што ја користевме е недоволна и стара, но сите заедно учествувме во гасењето на пожарот. Во кругот на фабриката неколку стотини метри од пожарот односно од местото каде што е стопиран пожарот, посочи тој, имало три големи цистерни со по шест тони метан, а во самата фабрика садови со метилен. Според Ангелов, експлозијата што можело да се случи, можела да го загрози животот на сите лица кои биле во фабриката и учествувале во гасењето на пожарот, но и на сите граѓаните кои се наоѓале во околината. Од информациите што неофицијално ги имам, фабриката ги има сите потребни дозволи. Противпожарната заштита ја контролира ДЗС. Ваквиот пример покажа колку може да биде опасно, без разлика на почитување на сите стандарди, постоење на вакви големи садови – цистерни со запалива и експлозивна материја во непосредна близина на градот односно на градот, потенцира директорот на ЦУК.