Дека страстите во кралското семејство се смируваат потврдува и фактот што денеска во катедралата Свети Павле, принцот Хари и Меган Маркл им се придружија на останатите членови на кралското семејство во служба на Денот на благодарноста за кралицата.
Меѓутоа, на службата не присуствувала кралицата Елизабета, бидејќи, според извори од Бакингемската палата, се чувствува слабо. Кралицата службата ја следела од нејзината резиденција во Беркшир, а истата била емитувана во живо на Би-Би-Си.
Принцот Ендру исто така не се појави во катедралата, бидејќи е позитивен на коронавирус, пишува „Дејли Мејл“.
Во катедралата имаше и политички лидери – премиерот Борис Џонсон и неговата сопруга Кери, поранешниот премиер Тони Блер и неговата сопруга, поранешната премиерка Тереза Меј, сегашната министерка за надворешни работи Лиз Трас и министерот за здравство Саид Џавид.