Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Дарко Димовски му се обратил на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод обвинувањата дека е „омилен синдикалец на власта и дека не го поддржува“.
Димовски побарал од Мицкоски да ги повика градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните комунални претпријатија да им ги зголемат платите на вработените за 2.806 денари.
-Вака не се покажување дека си различен политичар, особено не со декларативни изјави дека поддржуваш декларативно зголемување на платите, а твоите политички поставени директори никаде не ги зголемиле истите и декларативно унапредуваш работнички права. Ваквите напади спрема синдикатите и работниците се ехо на еден режим и се директно спротивни на конвенциите на МОТ, па дали тоа значи директно мешање во работата на синдикатите за што, како што велите Вие, ќе мораме да ги информираме сите меѓународни организации и институции, напишал Димовски во писмото.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски веќе некое време го обвинуваат Димовски дека симулира социјален дијалог со Владата.
-Дарко Димовски со оглед на тоа што се пронајде во изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, добро е да објасни на целата јавност и пред се членовите на ССМ зошто ја троши својата енергија во политичка расправија со ВМРО-ДПМНЕ, наместо тоа да го прави со власта на СДСМ. И еве еден предлог до омилениот синдикалец кој има шанса да престане да се додворува на власта: нека напише предлог амандман со кој ќе се направи ребаланс и предвидат повеќе пари за повисоки плати, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе го поднесат и поддржат, стои во последното партиско соопштение од најголемата опозициска партија.