Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Набензја, го напушти Советот за безбедност за време на говорот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој ја обвини Русија дека со инвазијата на Украина предизвикала глобална прехранбена криза.
Шарл Мишел рече дека Русија ги користи своите резерви на храна како „проектил“ против земјите во развој, туркајќи ги во сиромаштија. Рускиот амбасадор Василиј Небензја одговори дека Мишел шири лаги.
Украина е главен извозник на масло за јадење и житарки, како и Русија, која извезува и житарки и ѓубрива. Војната во Украина и санкциите против Русија доведоа до недостиг на овие производи на пазарот и остар скок на цените.
„Господине амбасадор на Руската Федерација, да бидеме искрени, Кремљ ги користи залихите со храна како проектил против земјите во развој“, рече Мишел за време на седницата на СБ во ОН во Њујорк.
Тој додаде дека драматичните последици од војната во Украина се прелеваат на целиот свет. Ефектите, рече Мишел, се скок на цените на храната, што ги турка луѓето во сиромаштија и го дестабилизира цели региони.
„Русија е единствената одговорна за оваа криза“, рече Мишел.
Тој истакна дека со свои очи видел милиони тони жито заробени во украинското пристаниште Одеса поради блокадата од Русија. Мишел, исто така, ја обвини Русија дека краде жито и го спречува садењето и бербата на земјоделските култури во Украина поради воени активности.
На овие обвинувања реагираше и рускиот амбасадор кој ја напушти салата. Мишел потоа директно му се обрати со зборовите: „Можеш да ја напуштиш просторијата, можеби е полесно да не ја слушаш вистината“.
You may leave the room, maybe it's easier not to listen to the truth, dear Ambassador #Nebenzia @RussiaUN@UN #SecurityCouncil #UNSC pic.twitter.com/aeb1OF4y6T
— Charles Michel (@eucopresident) June 6, 2022
Амбасадорот за „Ројтерс“ изјави дека не можел да остане на седницата поради „лагите што ги шири Шарл Мишел“.
На одделен состанок во ОН, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Русија ја уништува земјоделската инфраструктура на Украина и дека околу 20 милиони тони жито се запленети во силоси во близина на Одеса, додека бродовите се блокирани до врвот полни со жито поради руската блокада.