Атанасовски: Штом Бугарија го забрани летот на Лавров, Македонија и Црна Гора немале многу простор за маневар

од Берта Китинска
334 прегледи

С.Македонија го затвори својот воздушен простор за прелет на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој беше на пат за Беград. Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи појасни дека Македонија е само една од многуте земји што донесе забрана за прелет на руски авиони, како одговор на инвазијата на Украина.

Одлуката на Владата е „исправна, принципиелна и издржана“, смета политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски.

-Едноставно, Македонија како последна земја членка на НАТО алијансата, во овој воен, геополитички, пред се цивилизациски судир меѓу Западот (претставен од најмоќната воена алијанса предводена од САД) и истокот (Руската федерација), е исправена пред избор без дилема: мора да го заземе курсот на принципиелна одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на една независна земја, членка на ООН со утврдени и меѓународно признати граници, и тука нема компромис. Дотолку повеќе што и ние пред дваесеттина години во вооружен, воен конфликт се соочивме со напад на нашиот суверенитет и државен интегритет. Или да одоговорам најпросто на прашањето: потегот на Владата е исправен, принципиелен и издржан, појаснува тој.

Според него ова решение од страна на нашите западни партнери е „изнудено“, односно автосугестивно.

-Штом една Бугарија го забранила летот на рускиот министер за надворешни работи С. Лавров, држава која историски има многу поблиски, посилни и поиспреплетени врски во сите општествени сфери на државното и политичкото управување со Руската федерација, сметам дека Македонија и Црна Гора и немале многу простор за маневар да донесат друга одлука, т.е да дозволат прелет на министерот над нашиот воздушен простор за да стигне до неговата предвидена крајна станица-Белград, српскиот главен град, подвлекув тој.

По забраната за прелет консеквенции и санкции очекувам дека ќе има, вели аналитичарот појаснувајќи дека тие најверојатно би биле во сферата на гасот (сопирање на испораката), повлекување на дипломати, дополнително влошување на севкупните односи помеѓу нашите земји со Руската федерација.

-Заканите со балистичките ракети се очаен обид на една разгневена дипломатија на голема сила, која не е научена да да има „порази“ во надворешната политика од вакви мали и во нејзините очи, безнајачни државички. Консеквенции и санкции очекувам дека ќе има, најверојатно во сферата на гасот (сопирање на испораката), повлекување на дипломати, дополнително влошување на севкупните односи помеѓу нашите земји со Руската федерација. Но до тука. Едноставно нашите земји се далеку од рускиот воен радар ( Украина, Молдавија, Грузија, Казахстан, Ерменија), за да може да стравуваме од евентуален руски напад. На крајот на денот, сите ние три земји ( Македонија, Бугарија и Црна Гора), сме полноправни членки на НАТО, и евентуален таков напад, согласно членот 5 на Алијансата, тоа би значело директен воен судир со најмоќната воена алијанса. Се разбира, до такво нешто, нема да се стигне, објаснува Атанасовски.

Аналитичарот смета дека никогаш, не може да ги предвидиме следните чекори на рускиот претседател и неговите најблиски соработници и советници, во однос на тоа какви ќе бидат нивните чекори во заострување на односите со нивните веќе прогласени и оцртани непријатели.

-Не исклучувам ништо во оваа фаза, од воената руска агресија врз Украина и нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Никогаш, не може да ги предвидиме следните чекори на рускиот претседател и неговите најблиски соработници и советници, односно какви ќе бидат нивните чекори во заострување на односите со нивните веќе прогласени и оцртани непријатели (Македонија беше ставена во таа група на земји од страна на руското МНР), што значи и руско повлекување на амбасадорите од земјите „ први непријатели“. Што значи ќе следи и реципроцитетно повлекување на нашите амбасадори од Москва, и би останале практично без институционални дипломатски односи. Сепак, времето наскоро во иднина, ќе покаже дали ќе се стигне до тоа „ниво“ на нашите билатерални, севкупни односи, подвелкува Атанасовски.

Во врска со изјавата на Лавров дека при посетата на Србија планирал да даде и поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“, која треба да ги подобри односите во регионот, политичкиот аналитичар вели дека не гледа допирна точка на оваа иницијатива со руските највисоки официјални лица, бидејќи како што вели тој „Отворен Балкан“ е еден вид подготовка за влез во ЕУ.

-Иницијативата „Отворен Балкан“, пред се е проект од западната политичка мисла, како еден прединтеграциски чекор на меѓусебно поврзување на балканските економии, стопанството и трговијата пред се, олеснување на комуникациските врски на граѓаните, тргнување на бирократските и административни бариери, како пилот-проект кој де факто ќе треба да не подготви како да функционираме еден ден во иднина, како полноправни членки на Европската унија. Тој не е замена за членството во Унијата, туку само подготовка за истата. Не знам, зошто, од кои причини и интереси, руските највисоки официјални лица имаат допирна точка со оваа иницијатива, за да би ја коментирале официјално и истите преку нивните изјави да влијаат врз неа, односно да ја постават под знак прашалник, и нејзиното функционирање во иднина, подвелкува тој.

Б.М.

Слични содржини