По однос на пријавените шпекулации за употребата на македонскиот јазик во рамки на Обединетите нации (ОН), Министерството за надворешни работи (МНР) информира дека единствениот референтен документ на ОН за главните обележја и податоци за земјите е UNTERM (кратко од UN Terminology).
„Во него се дадени основните информации за секоја земја – официјалното име, кратко име, јазик на држава, назив на валута, ISO кодовите и др.“, стои во реакцијата на МНР.
Секретаријатот на ОН, додаваат од МНР, како и сите негови тела, „е обврзан да се придржува и да ги почитува податоците изнесени во истиот (UNTERM)“.
„Вработените во Секретаријатот на ОН немаат надлежност за толкување на вакви прашања. Секретаријатот на ОН раководи и има надлежност во менаџирањето на прашањата околу употребата на 6-те официјални јазици на Организацијата (англиски, француски, шпански, арапски, кинески и руски)“, нагласуваат од МНР.
Постојаната Мисија на Македонија при ОН во Њујорк, се наведува во соопштението на МНР, одржува редовни средби со претставници на Секретаријатот на ОН и во таа насока нема никакви индиции што одат во прилог на објавените шпекулации.
„Согласно појавениот интерес на јавноста, нашата мисија во Њујорк стапи во контакт со претставници на Секретаријатот, од каде дополнително и официјално ни беше потврдена важечката пракса и регулатива преку која категорично ги отфрлаат сите шпекулации изнесени во медиумите за наводна „внатрешна инструкција во ООН за начинот на користење на терминот – Македонски јазик“, велат од МНР.
Линкот на УНТЕРМ за личната карта на земјата е секогаш достапен онлајн и на него може да пристапи секој.