Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи на денешната пленарна сесија „Отворен Балкан отвора туризам”, во рамки на Самитот на „Отворен Балкан” говореше за придобивките од регионалната соработка во туризмот во заедничкиот развој и за иднината на регионот.
„Поврзувањето на нашите економии, создавањето на заеднички регионален пазар од преку 10 милиони жители е една од причините за создавање на иницијативата „Отворен Балкан” која го поттикнува економскиот раст, овозможува слободно движење на луѓе меѓу државите истовремено поддржувајќи го и унапредувајќи го туризмот“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој истакна дека изминативе неколку години за компаниите од Северна Македонија, Албанија и Србија се отстранети административните бариери за извезување на производите, за вадење на работни дозволи и регистрирање на подолг престој и дека сега е време да се направи напредок и во соработката во туризмот.
„Да ја отвориме соработката за споделување на искуствата, за можностите, за напредокот и развој на туризмот на Западен Балкан со својата единственост како додадена вредност за развој и иднина на нашиот регион”, посочи вицепремиерот Битиќи на денешната пленарната сесија „Отворен Балкан отвора туризам”, во рамки на Самитот на „Отворен Балкан”.