Илјадници работници во Ирска ќе работат четири дена во неделата без намалување на платите, како дел од меѓународниот пробен систем.
Ирска им се приклучи на Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Нов Зеланд и е единствената земја-членка на ЕУ која води пилот проект во текот на шест месеци за да го истражи влијанието на пократката работна недела.
Работниците кои ќе учествуваат во таа иницијатива ќе добиваат 100 отсто од платата за 80 отсто од претходното работно време, но со обврска да одржат 100 отсто од продуктивноста.
Програмата ја води „Четири дена во неделата на глобално ниво“, во соработка со други граѓански групи и истражувачи од Универзитетот во Оксфорд, Кембриџ и Бостонскиот колеџ.
Организаторите на проектот ќе го следат нивото на продуктивност, влијанието врз животната средина и родовата еднаквост во организациите учеснички, а резултатите ќе бидат објавени во 2023 година.
„Ќе анализираме како реагираат вработените на дополнителниот слободен ден, во однос на стресот и исцрпеноста на работа, задоволството од работата и животот, здравјето, спиењето, употребата на енергија, патувањето и многу други аспекти од животот“, рече еден од истражувачите на Бостонскиот колеџ.