Несогласувањата на оваа тема се од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник на Општина Карпош. Господинот Стевчо Јакимовски наместо да се сврти кон граѓаните, нивните потреби и барања за почист Карпош, со повеќе зелени површини и содржини за рекреација, тој одбра да продолжи по стапките на Стефан Богоев. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не одобрија неколку обиди на Јакимовски за вцртување на згради на различни локации низ Карпош, кои освен за интересот на бизнисот не му служат никому. Јакимовски и покрај нашите бројни апели за прекин на бетонизацијата продолжува со намерите да штанца градежни дозволи, истакна истакна Роберт Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ, откако градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски денеска информираше дека ја напуштакоалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додава дека Јакимовски и денес сакаше да помине нов ДУП со 7 нови згради во Злокуќани, како и претходните негови обиди за усвојување на ДУП-ови со нови згради, така и за овој Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не даде поддршка на планот и на денешната седница истиот не беше усвоен.
-Принципиелните заложби на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите и ветувањата пред граѓаните се нашата единствена водилка и приоритети кон кои ние се стремиме. Жал ни е што во овие наши заложби градоначалникот не се препозна, ниту пак ни се придружи. Разликата е јасна. Од една страна ние со заложбата за хумана урбанизација и зелен Карпош, од друга страна Јакимовски со неговите заложби за продолжување на бетонизација, потенцираше Велјановски.