Русија изведува воени вежби во Балтичкото Море

од Stefanija Kuzmanovska
229 прегледи

Десетици руски бродови денеска учествуваа во воени вежби во Балтичкото Море во екот на растечките тензии околу таа стратешка област, каде што НАТО во моментов исто така спроведува маневри.

„Во рамките на оваа вежба, тактичките поморски групи на Балтичката флота ги напуштија своите бази и беа распоредени во одредени зони“, соопшти руското Министерство за одбрана. Во вежбите учествуваат 60 бродови и 40 авиони, кои се одржуваат и на копно во центрите за обука во руската енклава Калининград. Околу 20 руски бродови веќе учествуваа во вежбата во зоната во вторник.

НАТО од недела изведува големи годишни поморски вежби на Балтикот наречени „Балтопс 22“, кои треба да траат до 17 јуни. Оваа интензивна воена активност се одвива во контекст на силни тензии меѓу Москва и западните земји од почетокот на руската воена офанзива во Украина кон крајот на февруари.

Балтичкото Море како стратешка зона дојде до израз минатиот месец кога Шведска и Финска, досега неутрални, официјално поднесоа барање за членство во НАТО, организација која Москва ја смета за непријателска кон нејзините интереси.

 

Слични содржини