Власта на СДСМ и ДУИ безмилосно ги троши народните пари во услови кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Во периодот од 2018-2021 година Владата потрошила пет милиони евра за изнајмување возила по пат на т.н. оперативен лизинг. Владата потрошила 5 милиони евра во време на кризи, кога бара од граѓаните да штедат и да го стегаат ременот, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
Според најголемата опизициска партија, паѓа во вода објаснувањето на властите дека нема пари за повисоки плати и смалени акцизи, „бидејќи гледаме дека пари има, ама се трошат на луксузни возила, но и на нов мебел, цвеќиња и хотелски услуги“.
-За да има владата за нови возила 5 милиони евра, граѓаните плаќаат поскапи горива, поскапа струја и двојно поскапени основни производи. Премногу е! Оваа ненародна, распашана и криминогена власт манипулира со граѓаните и ги турка во сиромаштија за да може функционерите да се богатат и да трошат на луксуз. Ова мора да престане. Затоа граѓаните на 18-ти јуни ќе излезе масовно на голем сенароден протест за промени, стои во партиското соопштение од „Белата палата“.
Во периодот од 2018-2021 година Владата потрошила пет милиони евра за изнајмување возила по пат на т.н. оперативен лизинг, беше речено на денешната седница на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
Антикорупционерите, иако не утврдиле повреда на законите при набавките на службени возила за државните институции преку лизинг, кои Службата за општи и заеднички работи ги спроведува на секои три години, сепак ја спори нивната економска оправданост. Во последните девет години, велат, се спроведени пет вакви постапки за јавни набавки на возила. Во тој период преку договори за лизинг во времетраење од 36 месеци се набавени 160 возила за кои државата платила околу шест милиони и триста илјади евра.