„По вчерашното изнесување на лаги од Момироски немав намера да реагирам јавно, но веќе денеска гледам дека некои медиуми оркестрирано го споделуваат истиот наслов, притоа никој од нив не побара став и од мене како засегната страна, што ми укажува дека не се заинтересирани за вистината ниту работат по принципите на новинарството“, реагира вицепремиерот Фатмир Битиќи.
„Кажувам јасно… Индикациите, како што и оној кој ги изнесе, сам ги нарекува, се лага, полни со неточни информации, очигледно водени од друга побуда. Особено поради тоа што лагите ги изнесе во време кога знае дека сум надвор од државата, што ми укажува дека сакал само неговиот мегафон да се слушне од центарот за лаги.
Доколку господинот има докази за проневера на меѓународна, повторувам меѓународна организација нека ги изнесе.
Во понеделник ќе поднесам барање за јавно извинување и демантирање во ист обем и време, кое доколку не се случи ќе продолжам по инстутиционалниот пат а тоа е тужба за клевета навреда и нарушување на углед на мене и моето семејство. Доколку мора, судот ќе го каже последниот став за вистината.
А медиумите кои ја објавија едната страна, барам да ја објават вистината денеска, во целост како што ја кажувам. Во спротивно ќе морам да покренам соодветни постапки и за нив.
Драги политички опоменти, нека не ве фаќа паника од позитивни анкетни резултати за мојот углед, па да мора да го напаѓате со лаги. Подобро за вас и за граѓаните ќе биде вие да работите на вашиот за да сте конкурентни и да се сретнеме на мегдан за стаботено“, додава тој.
Инаку Момироски соопшти дека се отвора голем сомнеж за најтежок вид на корупција во врвот на власта, а тоа е трговија со влијание.
„Случајот кој јас го истражувам со мала помош од луѓе од внатре и од странство индицира дека сопруги на двајца високи државни функционери преку невладиниот систем, но со поддршка и помош дошле до еден проект во кој учествувале во него а претпоставувам и земале пари во висина од над 620-630 илјади евра“, рече Момироски и продолжи:
Доколку сопруги на државни високи функционери земале такви пари а Владата имала некаква улога, тогаш дали тука има простор за сомнеж за корупција?, одговорот секако е потврден.
Посочи и дека двајцата високи државни функционери се вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и Ерол Муслиу.
„Во едната организација главна е сопругата на директорот на агенцијата за разузнавање Ерол Муслиу, Афродита Муслиу. Додека пак во втората организација е Милинда Рушити Битиќи сопруга на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Со тој проект тие добиваат фантастичен проект од над 600 илјади евра“, заклучи Момироски.