По војната во Украина, Западен Балкан стана од големо значење за ЕУ, па така канцеларот Шолц силно се залагаше за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Сепак, без многу успех, коментира Каи Кустнер за АРД.
Речиси нема земја која е толку добро се ориентира во чекалната на ЕУ како Северна Македонија. Земјата со 1,8 милиони жители е таму веќе 17 години. А пристапните преговори, кои обично траат со години, не се ни започнати.
Ако зависи од канцеларот Олаф Шолц, тоа мора веднаш да се промени. Со оглед на тоа што земјата работеше напорно, сега е моментот „кога мора да се соберат сите плодови од овие напори“. Ова го изјави Шолц при посетата на Скопје. И вети дека ќе се залага во ЕУ за итен почеток на пристапните преговори.
Премиерот Димитар Ковачевски јасно стави до знаење дека и трпението на Македонците да останат во чекалната има свои граници. Но, неговото барање за одлука за ова прашање на крајот на самитот на ЕУ овој месец изгледа речиси невозможно да се исполни. Почетокот на пристапните преговори беше и продолжува да го блокира Бугарија, која е членка на ЕУ.
И шефот на бугарската влада Кирил Петков не покажува никакво раздвижување по ова прашање. Петков повеќе рече дека на канцеларот Шолц му ги објаснил условите на неговата влада, а тоа е дека Бугарите кои живеат во Северна Македонија треба да бидат вклучени во уставот за да ги зачуваат нивните права.
„Разбивачот на блокади“ Шолц
Спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија за јазикот, историјата и културата е само уште еден доказ за пречките со кои се соочуваат балканските земји на нивниот пат кон ЕУ. Дури и кога канцеларот вели: „Има многу конкретни проблеми меѓу земјите, но ниту еден од нив не е несовладлив“.
Улогата на Шолц за време на неговата балканска турнеја е „разбивач на блокади“, но не и таков, кој верува дека може да ги реши сите проблеми. Тој повеќе се доживува како „креатор на надеж“. Кој како шеф на влада на најголемата земја во ЕУ испрати порака дека годините на запоставување поминаа.
„Речиси 20 години на земјите од Западен Балкан им се ветува европска перспектива. Време е ова ветување да биде проследено со акција“, рече тој. Тој додаде дека Балканот е од „стратешко значење“ за Германија.
Не е тајна дека повторното откривање на Балканот има многу заедничко со руската агресија во Украина. Обидот да се спротивстави на ова е обединета ЕУ. И токму за ограничување на влијанието на Москва во балканскиот регион, пишува АРД во својата анализа.