Еден од најдобрите светски голмани, Словенецот Јан Облак, пред новата пресметка со „орлите“ во интервју за „Спортклуб“ зборуваше за играта на српската репрезентација, српскиот селектор Драган Стојковиќ Пикси, Светското првенство, Југославија …
Србија убедливо ја совлада Словенија со 4:1 во Белград, а Облак е свесен дека неговиот тим во Љубљана ја чека исклучително тешка работа.
„Колку што забележав Србија секогаш игра супер офанзивно без разлика кој е на теренот. Селекторот постави јасен систем и не очекувам отстапувања ниту во Љубљана. Словенија мора да биде многу подобра од Белград. Сигурен сум дека ќе ја гледа Србија како и на првиот меч – офанзивно и дефанзивно“, вели Облак и додава:
„Србија има место во А дивизијата“.
Голманот на Атлетико ја пофали работата на српскиот тренер Драган Стојковиќ Пикси.
„Пикси е легенда на југословенскиот фудбал, тоа сите го знаеме. Со доаѓањето на клупата формираше тим и одлична атмосфера во тимот. Србија отсекогаш имала извонредни фудбалери од врвни клубови, но во последно време нема значајни успеси. Со Пикси групата изгледа многу подобро и поконкретно. Им посакувам се најдобро на „орлите“ на Светското првенство во Катар, а ние имаме задача да бидеме многу подобри во Љубљана отколку во Белград и да ги наградиме гледачите со добар натпревар“, изјави Облак.
Одличниот голман е убеден дека Југославија денеска би била еден од главните фаворити за освојување на Светското првенство.
„Не знам дали би можеле да застанеме на покривот на светот. Погледнете ја Србија денес, Хрватска, вториот тим во светот, исто така. Убеден сум дека тој тим би изгледал многу моќно! Југославија, сигурен сум, би имала статус на кандидат за освојување на првото место на СП“, вели голманот на Словенија.