ВМРО-ДПМНЕ бара владата да ги намали даноците и акцизите за горивата

од Nikola Popovski
161 прегледи

Крешник Бектеши денес се фали со замрзнување на маржата на производите за исхрана, а не кажува дека со тоа ќе затвори голем број пекари, малопродажни објекти и ќе влијае лошо на целата економија. Власта не се откажува од акцизата за да има повеќе да краде, велат попладнево од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Според партијата, наместо замрзнување на цените, потребно е намалување на даноците и акцизата за горивата.

-Само со 50% намалување на акцизата на горивата и ДДВ од 18 на 5% цените на горивата ќе бидат за 25 денари пониски, а со тоа ќе заштедат граѓаните, производството ќе биде поевтино, транспортот исто така. Импликациите врз буџетот ќе бидат околу 50 милиони евра помалку за една година, и тоа во прв план, но импликациите врз економијата ќе бидат неколкукратно поголеми, бидејќи и самото производство ќе биде поконкурентно. Од друга страна со 0% ДДВ за продуктите за исхрана и други продукти кои се важни во криза ќе се спаси стандардот на граѓаните и ќе се спречи бран на сиромаштија, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

На предлог на Министерството за економија, Владата на Северна Македонија на денешната седница донесе одлука за определување на највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало.

Бел леб, сончогледово масло за јадење, шеќер ќе имаат ограничена трговска маржа од пет проценти во трговија на големо и 5 проценти во трговија на мало. Според новата одлука на Владата, за белото брашно од пченица, тестенини, бел ориз и млеко е утврдена маржа од 10 проценти во трговијата на големо и мало.

Одлуката ќе трае до 30-ти септември годинава.