Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија и еден од најблиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Медведев, се огласи на Телеграм и испрати драматична порака до Киев и неговите Западни сојузници.
Медведев неодамна напиша неколку објави на руската социјална мрежа кои беа проследени со големо внимание на Западот.
По објавата за четворицата коњаници на Апокалипсата, Медведев отиде чекор понатаму, поради што најверојатно во Западните престолнини ќе добие статус на воен поттикнувач поголем и од самиот Путин.
– Ја видов пораката дека Украина сака да добие течен нафтен гас од своите странски сопственици со плаќање за испораката за 2 години. Во спротивно, едноставно ќе замрзне следната зима. Само прашање. А кој рече дека за две години Украина воопшто ќе постои на картата на светот? Иако на Американците веќе не им е грижа – тие вложија толку многу во проектот „анти-Русија“ што се останато им беше ситница… – напиша Медведев.
Да потсетиме, Медведев изминативе недели во неколку наврати објавуваше објави на Телеграм, од кои секоја е пожестока од претходната.
Еден од највпечатливите е објавата во која поранешниот руски претседател отворено кажа дека ги мрази сите оние кои би ѝ наштетиле на Русија.
– Често ме прашуваат зошто моите објави во Телеграм се толку груби. Одговорот е дека ги мразам. Тие се копилиња и изроди. Тие сакаат смрт за нас, Русија. И додека сум жив ќе направам се за да исчезнат – напиша неодамна Медведев.