Европската комисија денеска покрена постапка против Обединетото Кралство поради кршење на меѓународното право, односно поради непочитување на значајни делови од Протоколот за Ирска/Северна Ирска.
Во Брисел напоменуваат дека и покрај постојаните повици, британската влада не успеа да го спроведе договорениот Протокол.
„Ова е јасно кршење на меѓународното право. Целта на оваа постапка е да се воспостави усогласеност со Протоколот во голем број клучни области во кои Обединетото Кралство не го спроведе правилно, а во крајна линија со цел заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните на ЕУ“, соопшти Европската комисија.
Во исто време, Комисијата денеска презентираше дополнителни детали за можните решенија за олеснување на движењето на стоки меѓу Велика Британија и Северна Ирска и ја повика владата на Обединетото Кралство сериозно и конструктивно да се занимава со предложените решенија.