Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека смртните казни кои им се изречени на странски борци во самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР) се „јасен пример за другите платеници кои се борат за Украина“.
– Ваквата строга казна се чини дека е јасен пример за сите други платеници кои се борат на страната на украинските неонацисти или само имаат намера да им се придружат, бидејќи ова е злосторство против цивилното население во Донбас – нагласи Захарова, пренесува ТАСС.
Двајца Британци и еден Мароканец, кои се бореле на украинската страна, беа осудени на смрт од судот на ДНР под обвинение дека се платеници, пренесува „Ројтерс“.
Британската агенција додава дека Западните власти тврдат дека овие луѓе треба да се третираат како редовни војници заробени во војната и дека затоа имаат право на заштита според Женевските конвенции.