Петровска: С. Македонија ќе се позиционира како регионален хаб за обука на пилоти

од Nikola Popovski
217 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во седиштето на НАТО во Брисел имаше средба со помошникот генерален секретар за инвестиции во одбраната, Камил Гранд со кого разговараше за унапредувањето на капацитетите и вмрежувањето на Центарот за обука на пилоти со останатите капацитети за обука на пилоти во Европа, и тоа во рамките на иницијативата за создавање на НАТО структура за летачка обука во Европа.

„Северна Македонија има интерес и амбиција да продолжи да го развива Центарот за обука на пилоти кој поседува уникатни капацитети и кој може да даде сериозен придонес во развојот на летачката обука во Европа“, рече министерката на состанокот.

Петровска порача дека Центарот досега имаше видливи и значајни резултати – продуцираше 27 пилоти на хеликоптери за потребите на Северна Македонија и Црна Гора, а на напредните хеликоптерски симулатори за типот Ми-17 и Ми-24 тренираа неколку стотици пилоти од Северна Македонија, Хрватска, Полска, Босна и Херцеговина, Нигерија и Камерун.

Помошникот генерален секретар Гранд укажа на големата потреба од летачка обука во Европа и порача дека Центарот за обука на пилоти во Северна Македонија има капацитет да биде еден од стожерите на летачката обука на континентот.

Северна Македонија е една од 10-те сојузници во НАТО кои во 2021 година ја лансираа иницијативата за создавање на НАТО структура за летачка обука во Европа. Целта на оваа иницијатива е да се воспостави мрежа на Центри за обука на пилоти кои ќе ги исполнат побарувањата на европските сојузници за пилотска обука, а воедно и преку меѓусебна соработка и координација ќе се влијае на намалување на трошоците за производство на пилоти.

Членки на оваа иницијатива се Северна Македонија, Белгија, Чешка, Грција, Унгарија, Италија, Црна Гора, Романија, Шпанија и Турција.

Во текот на денешниот ден, во седиштето на Алијансата министерката Петровска заедно со секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин и министрите за одбрана на сојузничките земји учествуваше на состанокот на Контакт групата за Украина, на кој беше реафирмирана поддршката за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и беше потврдена заложбата на НАТО за поддршка на украинските граѓани и на земјата во одбрана од неоправданата руска агресија.

Министерката Петровска учествуваше и на работната вечера на министрите за одбрана на НАТО и на Шведска, Финска, ЕУ, Украина и Грузија, на која ги поздрави апликациите на Шведска и Финска за членство во Алијансата и укажа на потребата од постојана координација со Европската Унија и партнерите во зацврстувањето на безбедноста на евроатлантската област.

Во Брисел, Петровска се сретна и со нејзиниот романски колега, Василе Динку на која му се заблагодари за романската поддршка во борбата со огнените стихии во Северна Македонија минатото лето и порача дека земјата е посветена на континуираниот развој на билатералната одбранбена соработка.

Слични содржини