Осомничениот Амарилдо да Коста де Оливеира (41) признал дека го убил британскиот новинар Дом Филипс и експертот за домородците на Амазон, Бруно Переира, кои се водат како исчезнати од 5 јуни.
Тој ги однел припадниците на бразилската федерална полиција на местото каде што ги закопал телата.
Телата се пронајдени, но сè уште не се официјално идентификувани, а осомничениот познат како Пеладо на полицијата ѝ рекол дека ги застрелал двајцата мажи со огнено оружје.
Чамецот на убиениот се уште не е пронајден. Се смета дека Пеладо делото не го извршил сам и полицијата најавила нови апсења.
Переира (41) и Филипс (57) последен пат биле видени на нивниот брод на реката во близина на влезот на територијата на домородното население на долината Јавари, која граничи со Перу и Колумбија.
Семејството на Пеладо тврди дека тој е невин и дека полицијата го мачела за да добие признание.
Можниот мотив за убиството е конфликтот за нелегален риболов во долината Јавари, каде што можат да ловат само домородците.
Пленот во таа област е најголемата слатководна риба во светот со крлушки, арапаима. Тежи до 200 килограми, а може да биде долга и до три метри. Рибата се продава во околните градови, вклучувајќи ги Летиција во Колумбија, Табинг во Бразил и Икитос во Перу.
Переира, кој претходно го водеше локалното биро на бразилската влада за домородните служби, беше вклучен во неколку операции против нелегалниот риболов.
Во таквите операции се одзема или уништува риболовниот алат, додека рибарите се казнуваат.