Коалицијата предводена од САД соопшти дека во текот на операција утринава го уапсила високиот лидер на терористичката организација Исламска држава во Сирија, пренесува „Ројтерс“.
Коалицијата спроведува рации и напади врз цели на припадници на Исламската држава, која организира терористички напади од нејзиниот пораз на бојното поле пред три години, наведува британската агенција.
„Се проценува дека уапсениот е искусен дизајнер на бомби и едукатор кој станал еден од водачите на групата во Сирија“, се вели во соопштението, во кое се истакнува дека за време на операцијата нема повредени цивили и дека авионите користени во операцијата не биле оштетени.
Коалицијата не прецизираше во кој дел од Сирија се случи нападот денеска, а портпаролот на друга сириска бунтовничка група поддржана од Турција, претходно денеска изјави за „Ројтерс“ дека коалициските сили извршиле хеликоптерски напад врз селото Ал-Хумаира, јужно од Турската граница, прва операција од ваков вид во оваа област.