Реал Мадрид не се обиде да го привлече Ерлинг Халанд ова лето, објасни претседателот Флорентино Перез. Напаѓачот би можел да си замине од Борусија (Дортмунд) за 60 милиони евра, што се покажа како негова клаузула, според последните информации. На крајот напаѓачот се пресели во Манчестер Сити, а Реал, кој го чекаше Килијан Мбапе, остана без нов офанзивен играч.
„Немаше никаква врска меѓу можниот трансфер на Мбапе и оној на Халанд. Веќе го имаме Карим Бензема, кој е најдобриот напаѓач во светот. Немаше смисла да земеме извонреден играч како Ерлинг и да го ставиме на клупата“, изјави Перез за „Ел Чирингито“.
Бензема, кој веќе е прв капитен на тимот, наскоро ќе ја започне својата 14-та сезона на „Сантијаго Бернабеу“. Французинот има 34 години, но неговите последни две кампањи беа можеби најсилните во неговата кариера.
„Заменик на Карим ќе се појави еден ден, но не да биде резерва“, рече тој.
Досега Реал зема двајца играчи – Антонио Рудигер (слободен агент) и Орелијан Чуамени (80 + 20 милиони евра). Според Перез, нема да има повеќе нови доколку некој друг не си замине претходно: „Во моментов нема простор за повеќе засилувања. Но летото е долго и се може да се случи“.
Инаку, Перез покажува самодоверба дека е тешко на него да му се каже „не“. „Имаше ли играчи кои не успеав да ги доведам во Реал Мадрид низ годините? Потпишав речиси со сите што ги сакав. А од оние кои беа навистина добри, ги привлеков сите. Зборуваме од Зидан, Роналдо, Фиго, Бекам и Кака до Кристијано. Бензема е единствениот со кој се разбрав дома. Беше многу срамежлив и само кимна со главата“, изјави шефот на Реал.