Европската политичка заедница, за која се залага францускиот претседател Емануел Макрон, би била отворена за европските држави кои споделуваат заеднички демократски вредности, без разлика дали се членки на Унијата или не, се наведува во неофицијален француски документ, во кој увид имале балканските редакции.
Македонија е една од земјите кои сигурно би го нашле свое место во ваквата структура, смета политикологот Иво Рангеловиќ, додавајќи дека овој предлог не треба да го прифатиме како супститут на полноправното членство.
-Овој проект е всушност производ на потребата да се реформира самата ЕУ, вели но е најмногу поттикнат од безбедносната ситуација во Украина. Досега единствениот инструмент за проектирање на влијанието од ЕУ беше полноправното членство. Идејата е да се понуди пофлексибилна, своевидна конфедеративна структура, која би ги интегрирала сите оние земји (членки и аспиранти) кои ги делат европските вредности, преку пристап до заедничкиот пазар, валута, безбедност и сл. Понатаму, идејата е да се продлабочи интеграцијата помеѓу сите земји кои имаат ист геополитички став и не пркосат на постојниот поредок, за да не се дозволи одредени постојни членки и механизми да ја растурат самата унија. И последно, реинтеграција на Британија во европскиот систем, појаснува аналитичарот.
Според него овој проектот не треба да го прифатиме бидејќи е потребно активно да се работи на кревањето на ветото.
-Македонија е една од земјите кои сигурно би го нашле свое место во ваквата структура, но се разбира дека не треба да го прифатиме овој проект како супститут на полноправното членство. Тоа е причина плус за активно работење кон кревање на ветото, со цел да се забрза процесот кон пристапување, смета Рангеловиќ.
За тоа дали оваа заедница би можела да ја остави земјава во „чекалната“ уште долги години, политикологот појаснува дека нејзината суштина има подлабок геополитички карактер.
-Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, не е ниту тезата ниту причината за овој проект. Суштината на истиот има далеку подлабок, геополитички карактер. Имено, евентуалната изолација на државите од регионот во поглед на полноправното членство ќе стави печат на симпатиите кон европскиот дух, што ќе отвори широк простор за нови, неевропски влијанија на Балканот. Не сум сигурен дека Европската Унија е во состојба да си дозволи такво нешто, особено ако се земе предвид се поголемото влијание и контрола од САД врз официјален Брисел, подвлекува тој.
Бугарската политика кон Македонија е дојдена до апсурд
На прашањето дали отиде предалеку бугарската политика во својот обид да ја блокира земјава на евроатлантскиот пат, Рангеловиќ децидно вели дека политиката на нашиот источен сосед е дојдена до апсурд, кој како што вели тој, се користи како алатка за препукување на про-западни и про-руски влијанија.
-Бугарија одамна ја загуби, условно кажано, битката за Македонија. И, самата е крива за тоа. Денес, Бугарската политика кон Македонија е дојдена до апсурд кој се користи како алатка за препукување на про-западни и про-руски влијанија. Ваквиот однос кон еден сосед тешко ќе ги залечи раните помеѓу двете општества, дури и ветото да биде кренато утре. Но, и покрај дефицитот на државници, Бугарската држава располага со одредена критична маса која бара општествено помирување, додека 30% од парламентот е застапен од партии кои експлицитно повикуваат на кревање на ветото, објаснува политикологот.
Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ претставува своевидна закана за официјална Москва, смета Рангеловиќ додавајќи, дека пасивноста на САД и раздорот помеѓу членките на ЕУ, резултира со „сериозни кризи во секоја земја на Балканот“.
– Русија ги брани своите национални интереси и нема ништо спорно во тоа. Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ претставува своевидна закана за официјална Москва и за очекување се тие така наречени хибридни напади. Се испостави дека самата ЕУ не е доволен фактор на влијание кон разврските во регионот и за очекување е реактивирање на присуството на САД. Можно е тоа да биде преку аплицирање на булдожер дипломатија со инсталирање на одредени политички тешкаши. Наспроти тоа, пасивноста на САД и раздорот помеѓу членките на ЕУ, резултира со сериозни кризи во секоја земја на Балканот во поглед на ЕУ интегративниот процес, вели тој.
Б.М.