На покана на претседателот на Република Северна Македонија, Стив Пендаровски, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, учествува на Преспа форумот за дијалог 2022 насловен како „Обликување на иднината на Западен Балкан во современата европска безбедносна архитектура“.
На официјалното отворање на сесијата: „Што по војната во Украина?“, Ѓукановиќ рече дека инвазијата на Украина претставува отрезнување за Европската унија.
– Ова не е само агресија врз Украина, туку и против европскиот систем на вредности, европското единство и европската безбедност – посочи Ѓукановиќ.
Тој смета дека Русија сака да се врати на геополитичката позиција која му припаѓаше на Советскиот Сојуз, но дека тоа е, посочува, „невозможна мисија“.
Тој додаде дека постојано ги предупредувал претставниците на ЕУ и НАТО за потезите на Русија.
– Во Црна Гора поминавме низ обидите на Русија против нашето членство во НАТО, како и низ настаните од 2016 година. Она што се случи тогаш и што се случува во Украина доаѓа од истиот извор – рече тој.
Тој додаде дека некои земји имаат проблем бидејќи 80 отсто од нивното јавно мислење ја поддржува Русија.
– ЕУ треба без двоумење да ги отвори преговорите со Северна Македонија и Албанија, нагласувајќи ја и важноста од визната либерализација со Косово – рече Ѓукановиќ.