Во присуство на голем број на највисоки држaвни претставници од регионот и светот, официјално вчера беше отворен вториот Преспа форум за дијалог, кој во организација на Министерството за надворешни работи се организира во Охрид, од 16 до 18 јуни.
Покровител на овогодишниот ПФД е претседателот Стево Пендаровски, кој во воведното обраќање истакна дека незавршениот проект на европското обединување има одредени безбедносни последици за регионот и пошироко и во директна врска е меѓу незавршениот европски проект и безбедносната архитектура на Европа. Политиката на проширување, која се сметаше за најуспешна политика на Европската унија, сега е замрзната и се повеќе луѓе во нашиот регион ќе бидат скептични за европскиот проект ако истиот не се види како успешен и во однос на земјите од Западен Балкан.
Преку видео порака од Киев се приклучи и претседателот на Украина, Володими Зеленски, кој се заблагодари за помошта која се пружа на Украина и нагласи дека сериозните дебати за безбедносната архитектура во Европа треба да ја земаат во предвид потребата од ослободување на Европа од зависноста од руските енергенси. Ја повика меѓународната заедница да продолжи со санкциите и повика на обединетост во Европа, во одговорот кон руското однесување и агресија. Досега се убиени десетици илјади украински граѓани и милиони раселени и целта на руската надворешна политика, според Зеленски, е уништување на украинскиот народ и култура. Целосна европска интеграција на Украина и Западниот Балкан ќе значи зајакнување на Европа и намалување на способноста на Русија да ги реализира своите цели.
Алудирајќи на недостигот на меѓусебно признавање на Србија и Косово, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, нагласи дека нема придвижување напред ако државите од Западен Балкан не се признаат меѓу себе. За ова прашање, истакна дека е најтешкиот спор кој треба да се реши и ја повика Србија да го направи тоа.
Претседателот на Словенија, Борут Пахор смета дека проширувањето е геополитичко прашање и Брисел треба да премине од гледање на процесот како чисто технички процес кон политички, при што ЕУ треба да покаже флексибилност и донесе одлука за давање на кандидатски статус на Босна и Херцеговина, Украина и Молдавија.
Дека украинската воена криза има примарни геополитчки импликации, се сложи и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, за кого однесувањето на Русија е обид да се ускрати правото на суверените држави сами да одлучуваат за својот политички курс. Благодарение на храброста на украинскиот народ, смета тој, безбедноста на Западниот Балкан не е драстично загрозена, но во однос на вредностите, регионот е под директна загроза на руските хибридни закани. Брисел јасно треба да одговори, дали останува заедница на вредности и дали ќе продолжи да го почитува принципот на заслуги во однос на приближувањето кон ЕУ.
За претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, исклучително е важно ЕУ и САД да не остават вакуум кој лесно може да се искористи од трети актери. Ги повика земјите членки на Унијата да дадат кандидатски статус на БиХ, Украина, Молдавија, Грузија и Косово.
Во своето обраќање, претседателот на Собранието Талат Џафери нагласи дека безбедноста на нашите граѓани и држави е под закана од војната во Украина, додека текот на настаните може светот да го доведат до најмрачните периоди на Студената војна. Повика на итно организирање на меѓувладината конференција со ЕУ.
Во рамките на официјалното отворање, претседателот Пендаровски ја додели традиционалното признание на ПФД, која годинава му припадна на народот на Украина како „признание за нивната храброст и отпор во заштита на својата земја и зачувување на слободата, идентитетот и нашата заедничка иднина”.